„Стандард и Пурс”: макропрудентните мерки на Народната банка придонесоа за натамошно јакнење на финансиската стабилност

Поставеноста на монетарната политика е еден од факторите за значителното намалување на инфлацијата во текот на минатата година. Девизните резерви бележат висок, двоцифрен раст и се во комфорната зона. Банкарскиот сектор и натаму е стабилен, што се согледува преку клучните показатели за неговото работење. Ова се главните наоди во монетарната сфера, во извештајот на агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс”, каде што се потврдува кредитниот рејтинг на државата на ББ-, со стабилни изгледи. 

Од „Стандард и Пурс” забележуваат дека во декември 2023 година инфлацијата значително забавила сведувајќи се на 3,6%, во споредба со истиот месец претходната година кога изнесувала 18,7%. Ова се должи на поставеноста на монетарна политика, забавувањето на растот на цените на храната и енергијата, како и високата споредбена основа. Како резултат на истите фактори, од Агенцијата очекуваат дека годинава инфлацијата ќе изнесува во просек 4%, односно во рамките и на последните очекувања на Народната банка. Сепак, Агенцијата оценува и одредени ризици за идната динамика на цените, поврзани со состојбите на пазарот на труд и евентуален неповолен развој на геополитичките случувања. Во извештајот се потврдува и високиот раст на девизните резерви коишто на крајот на 2023 година се зголемени за 17,5% во однос на минатата година и достигнаа 4,5 милијарди евра. Од „Стандард и Пурс” очекуваат дека девизните резерви и натаму ќе се задржат на стабилно ниво, поддржани од странските инвестиции и финансирањето на државата на меѓународниот пазар.

Во извештајот се наведува дека како резултат на макропрудентните мерки преземени од страна на централната банка, банкарскиот сектор и натаму е стабилен и неговата отпорност е дополнително зајакната, со историски ниско ниво на нефункционални кредити коешто изнесува 2,8% од вкупните кредити и стабилно ниво на адекватност на капиталот од 18,2%, што е највисоко ниво во последните 17 години.

Треба да знаете
Последни објави