Клисарова и Матоши нагласија дека надлежните не разговарале со нив, туку само им посочиле дека имале налог за тоа кој треба да биде приведен
На Клиниката за радиотерапија и онкологија денеска се приведени три лица, меѓу кои и поранешниот директор Нино Васев, а од другите двајца едното е медицинско лице од Онкологија, а другото е вработено во болницата, вели организацискиот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Халид Матоши.
На прашањето дали и секретарката е денеска приведена од Клиниката, Матоши во изјава за медиумите рече дека таа не се појавила на работното место.
„Секретарката денеска не се појави на работа, можеби е земена од друго место, а и телефонот ѝ е исклучен“,рече Матоши.
И директорката на Клиниката за радиотерапија и онкологија Виолета Клисарова потврди дека на Клиниката денеска се приведени три лица.
За тоа дали имало и други претреси, Клисарова рече дека таа не е информирана, но не ја исклучува можноста, а исто така не знае и дали се одземени доказни материјали и досиеја.
Клисарова и Матоши нагласија дека надлежните не разговарале со нив, туку само им посочиле дека имале налог за тоа кој треба да биде приведен.
Она што таа го потврди е дека Клиниката за радиотерапија и онкологија работи и функционира нормално.
„Сите закажани пациенти, тековни прегледи, предвидени терапии на пациентите, како и прием на нови пациенти функционира нормално, работат сите амбуланти. Работиме со полн капацитет во Клиниката и затоа замолувам да не се создава паника, никој од пациентите нема да биде вратен. Сите ќе ја примат предвидената и планирана терапија“,рече Клисарова во изјава за медиумите од пред Клиниката.
Таа нагласи дека терапија има за сите пациенти, а во однос на КАТО-системот рече дека тоа е процедура која трае и е далеку од почнување и ставање во функција.
„Меѓутоа, во координација со Министерството за здравство се работи на тој проект, а терапија има во моментов и Клиниката навистина функционира нормално и токму тоа со оваа денешна изјава сакам да го потврдам и изјавувам дека сите пациенти ќе бидат опслужени со целата потребна терапија“, додаде директорката.
По објавата во дел од медиумите дека денеска е приведен ексдиректорот на Клиниката за онкологија и радиотерапија Нино Васев, од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија уште еднаш потврдуваат дека се преземаат дејствија по наредба на јавен обвинител и оти сите други информации се неофицијални. Повеќе детали за денешните активности од Обвинителството не откриваат.