Општина Центар продолжува со реконструкција на детските игралишта. Детското игралиште близу Градската болница кај поранешен Јукан има комплетно нови реквизити, а реконструирана е и подлогата. Градоначалникот Горан Герасимовски вели дека новите реквизити односно лизгалка, 2 лулашки и 4 коцки за качување на ова детско игралиште ќе ја вратат детската смеа и детскиот џагор во овој дел од населбата. На игралиштето извршена е и санација на две клупи за седење и следење на детската игра.
![](https://24info.mk/wp-content/uploads/2024/02/viber_image_2024-01-31_13-40-08-747-768x1024.jpg)
„Во убавите сончеви денови на ова детско игралиште повторно ќе ечи детската смеа. Вложувањето во детски реквизити за правилен раст и развој е вложување во здравјето на нашите дечиња. Затоа од минатата година реконструиравме неколку детски и спортски игралишта со цел да обезбедиме катчиња за децата и нивната безгрижна игра“, порачува Герасимовски.
![](https://24info.mk/wp-content/uploads/2024/02/viber_image_2024-01-31_13-40-08-981-768x1024.jpg)
Општина Центар изминатиот период ги реконструираше детските игралишта кај Градски ѕид кај „Коктел Бар“, близу Зелен пазар, детското игралиште на ул. „Славејко Арсов“ на Водно, детските и спортските игралишта во Капиштец и направи ново мало фудбалско игралиште кај „Кам маркет“ во Дебар Маало и ново инклузивно детско игралиште близу трговскиот центар „Зебра“. Периодов се демонтира и малото фудбалско игралиште близу зградата на ССМ и на истото ќе бидат поставени нови голови, подлога и нова ограда.