Се зголемува бројот на заболени од сезонски грип. Но, пикот се очекува на крајот на февруари и почетокот на март. Како резултат на сезонски грип, а поради тоа што имале коморбилитети, односно хронични болести, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) соопшти дека во Македонија за една недела починале две лица, 20 годишна девојка од Скопје, како и 36 годишен пациент од Демир Хисар. Вкупно досега регистрирани се седум смртни случаи од оваа заразна болест од почетокот на сезоната на грип. Вкупниот број случаи на грип и заболувања слични на грип од почетокот на сезоната е над 7.000 лица. Во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 37,3 проценти. Зголемен број на болни од грип се регистрирани и во последниот извештај на ИЈЗ. Пријавени се 1.834 случаи, што е за 159 повеќе од претходната недела. Една третина од новоевидентираните се деца под 14 години. Доктор Злате Мехмедовиќ од Комисијата за заразни болести вели дека според статистиките од претходните сезони пикот на вирусот се очекува кон крајот февруари и почетокот на март. – Гледаме дека и во последниот извештај на ИЈЗ имаме зголемување на бројот на позитивни случаи и тоа зголемување е за 7 отсто од следењето изминатите 13 години. Бројот е помеѓу средна и ниска активност на вирусот, додава Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести. Епидемиолошката состојба со грипот членовите на Комисијата ќе ја разгледуваат на состанок в среда. Дотогаш остануваат на сила препораките за носење маски во болниците и на места со голема фреквенција на луѓе, како и вакцинација на лицата кои се во ризичните групи. ИЈЗ наведува дека лабораториски биле тестирани 999 примероци од лица кои се жалеле на симтоми кои наликувале на грип и на ковид-19 и од нив 160 биле позитивни на вирусот на грип, а 34 на ковид-19.