„Сметам дека е критично да се заштити интегритетот на изборниот процес преку непристрасно и транспарентно управување со изборните процедури. Ова вклучува строга примена на законите против изборни измами и манипулација, како и обезбедување на ефективни механизми за пријавување и адресирање на било какви нерегуларности. Очекувам професионална соработка помеѓу МВР, Владата, Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупцијата, домашните и меѓународните набљудувачи, како и со сите органи и тела кои имаат соодветна улога во организацијата и спроведувањето на изборите“ порача дополнителниот заменик министерот за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев во интервју за 24инфо.мк.
Меѓу другото со Бојамацалиев разгораварвме и за досегашните спроведени реформи во Министерството, неговите очекувања од однесувањето на кадрите од ВМРО-ДПМНЕ во Владата, од однесувањето на останатите политички партии во изборниот процес, како и за значењето на Законот за рестриктивни мерки.
-Министерството за внатрешни работи беше субјект на многу реформи и вложувања во последните неколку години. Дали е со капацитет да гарантира слободни, фер и демократски избори.
Токму така. МВР предводено од Спасовски со концептот „МВР за Граѓаните” беше период на тектонски реформи, кои целосно го променија безбедносниот апарат на државата и, секако, период на крупни инвестиции во капацитетите на македонската полиција. И токму капацитетот на МВР за обезбедување услови за слободни, фер и демократски избори главно зависи од елементите како што се реформите и вложувањата во институцијата за да ги надминеме состојбите од минатото кои значеа изборни злоупотреби и нерегуларности, партизирани институции и политичко влијание во изборниот процес.
Знаете дека од 2017 година наваму вложивме околу 13 милиони евра во униформи и опрема и 17 милиони евра само за реконструкција на полициските објекти низ државата. Притоа, дојдовме до бројка од 80 реконструирани објекти, енергетско ефикасни, кои значително ја подобрија ефикасноста на полицијата, потврдувајќи ја максимата дека само задоволна и мотивирана полиција може да донесе високи резултати во полициското работење. Покрај ефикасноста на полицијата, ефектите од вложувањата се евидентни и во виското ниво на транспарентност на МВР, рангирајќи го во топ три најтранспарентни институции во државата.
Секако, круцијален аспект на капацитетот на МВР да обезбеди фер избори е постоењето на политичка волја. Без силна политичка поддршка, тешко е да се спроведат и одржат гарантирањето на интегритетот на изборниот процес.
Оваа ефективноста на МВР во контекст на избори значително зависи од способноста да се дејствува професионално, без политички притисоци од било која политичка партија. Впрочем, ова го истакнав во моето прво обраќање до јавноста, а го потврдив и на средба со репрезентативниот Македонски полициски синдикат, дека заеднички се заложбите против притисоци врз вработени.
Воедно, можам да кажам дека го продолжувам принципот на поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, за тоа дека ниту едно право коешто го стекнале вработените во МВР нема да биде ускратено.
Апсолутно од исклучително значење и е соработката со меѓународни и домашни набљудувачи, првенствено ОДИХР и ОБСЕ. Би сакал да информирам дека остварив средба со претставници на ОДИРХ на којашто ги известив дека за времето кога бев Шеф на кабинет на министерот Спасовски беа преемени сите законски обврски кои ги има МВР во врска со спроведување на изборните процеси. Така, продолжувам и на функцијата дополнителен заменик министер за внатрешни работи, гарантирајќи го спроведувањето на сите идни активности под надлежност на МВР.
Убеден сум дека МВР го има капацитетот за изборниот процес, што беше докажано и со минатите избори кои понудија јасна слика за тоа што не очекува.
-Кои се вашите заложби во врска со изборите?
Личните заложби се на професионално ниво, а тоа значи спроведување на фер, слободни и демократски изборни процеси кои доликуваат на земја членка на НАТО и земја кандидат за членство во ЕУ.
Со организацијата на локалните избори во 2017 и 2021 година, на референдумот во 2018 година, на претседателските избори во 2019 година, и на парламентарните избори во 2020 година поставивме стандарди кои не смеат никако да бидат нарушени. Тие се водилка и за организација на изборите во 2024 година.
Тоа е уште една обврска повеќе и мотивација за посебен ангажман за организирање и спроведување на избори по европски стандарди, со еднакви услови за фер натпревар на изборни програми, без дезинформации и без говор на омраза.
Повторно ќе кажам мојата примарна заложба е да обезбедам дека секој аспект од изборниот процес се одвива на начин што ги гарантира основните принципи на слобода и демократија. Ова значи дека се посветувам на обезбедување на сигурна и безбедна средина во која сите гласачи можат слободно да ги изразат своите политички права без страв од уцени или притисок.
Сметам дека е критично да се заштити интегритетот на изборниот процес преку непристрасно и транспарентно управување со изборните процедури. Ова вклучува строга примена на законите против изборни измами и манипулација, како и обезбедување на ефективни механизми за пријавување и адресирање на било какви нерегуларности.
Очекувам професионална соработка помеѓу МВР, Владата, Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупцијата, домашните и меѓународните набљудувачи, како и со сите органи и тела кои имаат соодветна улога во организацијата и спроведувањето на изборите.
Секако, преку зајакнување на јавната свест и подигање на нивото на информираност, можеме заедно да придонесеме кон посилна демократија. Тука првенствено мислам на медиумите и медиумските работници, на кои им изразувам искрена благодарност за досегашното точно и навремено информирање. МВР во медиумите гледа вистински партнер кога станува збор за информирање на јавноста. И, токму тоа е целта, да градиме доверба од страна на граѓаните во нашите институции и да ги осигураме сите елементи за слободни, фер и демократски избори како темел на нашата демократија.
-Дали има промена кај Бојмацалиев од 28 јануари навака?
Од моментот на именувањето за дополнителен заменик министер за внатрешни работи, длабоки промени имам само во зголемена динамика на работните процеси. Зголемен е обемот на одговорноста, секако станува збор за клучен период за државата и определбата на граѓаните кој е патот кој ќе го заземе нашата држава, иако верувам дека големо мнозинство знае дека нема алтернатива на европскиот пат.
Но, не сметам дека имам значителни промени во мојот пристап кон работата и временското распоредување, бидејќи и како Шеф на кабинет на министерот Оливер Спасовски имавме мошне интензивна агенда на активности и настани. Можеби деновите сега се подолги, бараат ново балансирање помеѓу професионалните задачи и време за семејството кое има клучна улога во мојот живот.
За мене важи максимата колку поефективно и поефикасно е завршена работата, дотолку е поголемо и личното и професионалното задоволство.
Секако искуството е трансформативно, но пристапот кон предизвиците и поривот да се даде придонес кон создавање на европско општество, е ист како и претходно.
-Што очекувате од ВМРО-ДПМНЕ во овие 100 дена?
Моите очекувања од ВМРО-ДПМНЕ во контекст на изборниот процес се фокусирани на конструктивен и отворен дијалог за сите прашања.
Прво, очекувам дека ќе се залагаат за фер и слободни избори, а против секакви форми на изборни нерегуларности или манипулација.
Второ, очекувам дека ќе го искористат својот простор во јавниот дијалог за конструктивно искажување на своите ставови и политики, без дезинформации или непотребна реторика на национализам која може да го наруши јавниот ред и мир и стабилноста на државата.
Секако, очекувам дека сите политички партии ќе го искористат овој период за да се градат мостови со граѓаните, слушајќи ги нивните потреби и предлози и работејќи на развојот на политики кои одговараат на интересите на широката јавност. Пак ќе повторам дека огромно мнозинство граѓани се за Европската Унија и за внесување на европските вредности во македонските институции, во македонското општество.
Какво е значењето на Законот за рестриктивни мерки за борбата против корупцијата?
Со нашите стратешки партнери, САД и ЕУ, продолжуваме да ги зајакнуваме владеењето на правото и борбата против криминалот и корупцијата. Конечно, системот покажа капацитет за борба против организираниот криминал и корупцијата и во здравството. Затоа бележиме и напредок во Индексот за перцепција на корупцијата, скок од 9 места за една година, или 31 место од 2017 година. Тука би потсетил на резултатите на МВР под водството на Оливер Спасовски во делот на борбата против корупцијата, односно само во 2023 година утврдени се над 64 коруптивни злоупотреби, откриени 121 кривични дела, со вкупно 178 сторители, при што причинета е материјална штета од над 350 милиони денари. Откривачката функција на полицијата во 2021 година беше зголемена за дури 50%. Од страна на ОСОСК во временскиот период од 2017 – 2023 година само за кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластувања“ биле поднесени вкупно 44 кривични пријави против 170 физички и 2 (две) правни лица.
И, не застануваме, туку продолжуваме со уште позасилена борба против корупцијата со нови мерки и реформи, да победат чесните наспроти корумпираните. „Црната листа“ или листата на санкции на САД и Обединетото Кралство ја преточуваме во конкретни законски решенија и мерки за санкционирање на лицата што прават криминал, ги корумпираат институциите и го рушат владеењето на правото. И самото продолжување на преговорите со Европската Унија ќе ги донесе тие долго посакувани правила и стандарди кои ја спречуваат корупцијата на сите нивоа.