На забавниот интернет-простор се појави уште една мапа со „сомнителна“ политичка коректност. Овојпат темата е: Како да ги навредите Европејците со една реченица?
Така, Германците важат за „груби и расисти“, Австријците – „почудни Германци“, Шпанците – „гласни и досадни“, а за Французите е ставено само бело знаменце што алудира на нивното наводно премногу лесно предавање по германската нацистичка окупација во Втората светска војна. За Русија е поставено прашањето „Како е животот под диктатурата на (Владимир) Путин?“, а Белорусија е означена како „последната европска диктатура“.
Ирците се „Британци со комплекс на супериорност“, а за Британците и за Украинците, интересно – авторите одлучиле да не кажат ништо. (Целата мапа – приказ).
Дури и Илон Маск ја коментираше објавата – тој смета дека „авторите не погрешиле премногу“, иако според многумина, некои шеги се на работ на политичката коректност.
За да се испровоцираат Македонците, доволно е да им се каже оти се „измислени во 1991“ – годината на независноста. Грција би била „пропадната економија“, а Бугарија – „најсиромашната земја во ЕУ“. Грците ги нервира и 16-зрачното златно-жолто Сонце на црвено поле…
Чесите не се сметаат за „Источна Европа“, иако некои ги сместуваат таму. Унгарија, пак, за циничните странци, е „најкорумпираната земја во ЕУ“, а Словаците би биле „унгарски Чеси“. Слично, зајадливите ќе речат дека Норвежаните „говорат шведски дијалект“, Естонците наводно се „Финци од ‘Алиекспрес’,“ Хрватите би биле „Срби-католици“, а Босанците – „турски Срби“.
За Србите, навредливо е да се рече дека научникот Никола Тесла e Хрват-Американец.
За Турците, зајадливците би рекле дека „не се Европејци“, и оти Романците се Роми (Романија е означена и со ромското национално знаме).
За Швајцарија се вели дека „никогаш не го вратила златото на Евреите“ (одземено во Втората светска војна), а во Португалија „е бразилското злато“ од преминот од средниот век кон новото време.