„Над 2 милијарди евра само во изминатите три години се насочија кон граѓаните и компаниите, никогаш досега немало толку голема финансиска поддршка од државата, толку пари да се вратат назад кај граѓаните, кај стопанството“ изјави претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за „Локално“.
Тој додаде дека уште од првиот месец на неговиот мандат како премиер, со синдикатите и работодавците се направи историски исчекор и се зголеми минималната плата и се воспоставени методологија за раст.
„Исто, методологија за раст поставивме и кај пензиите. За да не мора вака во изборни години пензионерите да зависат од партијата на власт, како што правеа ВМРО. Воедно фокус во мојот премиерски мандат беше зајакнување на економијата, отворање нови работни места за подобар животен стандард и развој на стопанство. Со оглед на тоа дека имавме огромен број кризи, здравствени, екононски, енергетски, антикризните мерки апсолутно направија вистинска разлика и дадоа резултат“ рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ додаде дека само со последниот деветти пакет антикризни мерки е во вредност од 662 милиони евра, обезбедена е поддршка за 120.000 млади лица, 187.000 пензионери, над 74.000 социјално ранливи граѓани, 40.000 земјоделци, 600.000 домаќинства и над 70.000 компании.
„35.000 средношколци месечно добиваат по 1.800 денари, а основците по 1.200 денари месечно. 15.000 студенти добиваат ваучер за превоз од 600 денари до 1.200 денари месечно. Пензионерите пак со ниски пензии добиваат од 1500 до 3000 денари месечно финансиска поддршка, а за ранливите, обезбедивме поддршка по 2.000 денари месечно. Дополнително, 5.000 ранливи семејства ги поддржуваме преку Програмата за енергетска сиромаштија“ рече Ковачевски.