Кандидатот за претседателска номинација на Републиканската партија, Доналд Трамп денеска изјави дека Соединетите Американски Држави нема да преживеат доколку Џо Бајден повторно стане претседател на државата.
„Според мене, најлошото нешто што може да се случи е Бајден повторно да стане претседател. Искрено, од многу причини, нашата земја не би го преживеала тоа“, рече Трамп во интервју за Фокс њуз.
Тој додаде дека Бајден е „неспособен и најлошиот претседател во историјата на САД“.
„Сите го знаат тоа“, рече Трамп.
Коментирајќи ja неодамнешната поддршка на Бајден од синдикатот на автомобилската индустрија UAW, Трамп рече дека, како што рече, нема да има повеќе авто работници во Соединетите држави, туку „сето тоа ќе оди во Кина и други земји“.
Тој посочи дека доколку повторно стане претседател, ќе воведе царини за стоките увезени од Кина, додавајќи дека тие би можеле да изнесуваат повеќе од 60 отсто.
„Мораме да го направиме тоа“, рече Трамп.
Поранешниот американски претседател предупреди и на развојот на вештачката интелигенција, велејќи дека е „страшно“.
„Пред некој ден видов како ми направија лажна снимка како зборувам за некој производ. Не можете ни да ја разликувате. Мора да се направи нешто во врска со тоа, и тоа брзо“, рече Трамп.
Тој изјави дека технологијата за вештачка интелигенција може да се злоупотреби на различни начини, вклучително и војни, додавајќи дека напредокот во развојот на оваа технологија е „огромен проблем“.