Кардиолог предупредува зошто е лошо да се јаде доцна навечер

Кардиоваскуларните заболувања ги вклучуваат сите состојби кои влијаат на срцето или циркулаторниот систем. Тие меѓу другото вклучуваат коронарна срцева болест, срцева слабост и мозочен удар. Голем број фактори можат да придонесат за срцеви заболувања, вклучувајќи го и пушењето, колку често вежбаме и каква е нашата исхрана.

Сепак, кардиологот Абер Бери откри една едноставна навика во исхраната која може да го намали ризикот од срцеви заболувања.

„Сакате да знаете едноставен начин како да го намалите ризикот од развој на срцеви заболувања? Јадете ги оброците порано“, вели Бери. Таа посочува дека веќе е добро познато дека исхраната игра важна улога во прогресијата и развојот на кардиоваскуларните заболувања.

Таа спомена француска студија од декември 2023 година во која научниците ги анализираа податоците на повеќе од 100.000 луѓе.

„Тие открија дека колку подоцна го јадете првиот оброк во денот, толку е поголем ризикот од развој на кардиоваскуларни болести“, рече таа. Таа споменува дека наодите биле дури толку специфични што сугерираат дека секој час доцнење сè повеќе го зголемува ризикот.

„На пример, некој што појадувал во 9 часот, во споредба со лице што јадело во 8 часот, имал шест отсто поголем ризик од развој на кардиоваскуларни болести“, објасни таа.

Покрај тоа, таа предупреди дека дури и последниот оброк доцна навечер е поврзан со уште поголем ризик од развој на кардиоваскуларни болести.

„Кога јадат оброци после 20 часот, во споредба со оние чиј последен оброк бил пред 20 часот, луѓето кои јаделе подоцна имале 28 отсто поголем ризик од развој на мозочен удар“, забележува Бери. Таа, исто така препорача подолги интервали помеѓу оброците.

„Затоа јадете ги оброците што е можно порано за да го намалите ризикот од срцеви заболувања и мозочен удар“, заклучи Абер Бери.

Треба да знаете
Последни објави