Грчките земјоделци продолжуваат со симболичните блокади

По активностите и протестите во Солун во изминатите денови, грчките земјоделци се враќаат на блокадите поставени во различни делови на земјата, а утре ќе одржат состанок на кој ќе ги одредат нивните следни чекори, јави дописничката на МИА од Атина.

Земјоделците од Солун и Халкидики денеска со нивните трактори ќе се упатат пред Министерството за внатрешни работи, одделот во Солун за областите Македонија и Тракија, каде што ќе ги достават нивните барања.

За утре напладне закажан е состанок на блокадата поставена во близина на Лариса за да се одредат следните активности, а меѓу предлозите е земјоделците да одржат голем протест во Атина, но и блокадите да се префрлат на автопатите и да го блокираат сообраќајот.

Она што е сигурно е дека земјоделците не се откажуваат и велат дека ќе продолжат сè додека Владата не ги исполни нивните барања.

Засега, блокадите поставени пред речиси две седмици на различни локации во северна и централна Грција се симболични и не предизвикуваат проблеми во сообраќајот.

Треба да знаете
Последни објави