Кандидатот за претседателска номинација на Републиканската партија Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави нема да преживеат доколку Џозеф Бајден повторно стане претседател на таа земја, додавајќи дека до ноември Бајден „би можел да ја одведе земјата во трета светска војна“.
„Нашата земја е во хаос. Нашите граници се отворени и несигурни. Девет месеци се долг период. Има големи шанси во тој период да се случи третата светска војна бидејќи имаме некој кој не си ја врши работата како што треба“, изјави Трамп во интервју за „Fox News“.
Тој додаде дека Бајден е „неспособен и најлошиот претседател во историјата на САД“.
„Сите го знаат тоа“, рече Трамп.
Коментирајќи го фактот дека Бајден неодамна ја доби поддршката од синдикатот на работниците во автомобилската индустрија (UAW), Трамп рече дека, нема да има повеќе работници во автомобилската индустрија во САД, но „сето тоа ќе оди во Кина и други земји“.
Тој посочи дека доколку повторно стане претседател, ќе воведе царини за увезената стока од Кина, додавајќи дека тие би можеле да изнесуваат повеќе од 60 отсто.
„Мораме да го направиме тоа“, рече Трамп.
Поранешниот американски претседател предупреди и на развојот на вештачката интелигенција, велејќи дека е „страшно“.
„Пред некој ден видов како направија лажна снимка од мене како зборувам за некој производ. Не можете ни да ја разликувате. Мора да се направи нешто во врска со тоа и тоа брзо”, рекол Трамп.
Тој предупреди дека технологијата за вештачка интелигенција може да се злоупотреби на различни начини, вклучително и за војни, додавајќи дека напредокот во развојот на технологијата е „огромен проблем“.