Министерот за здравство Фатмир Меџити за случајот на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија потенцира дека нема да дозволи да се оцрни белиот мантил, а со име и презиме треба да се знае кој огрешил и за тоа да одговара.
– Точно се знаат прописите како работи една јавно-здравствена институција и како работи Министерството за здравство. За сѐ друго има надлежни органи, мило ми е што веќе гледаме некаков епилог на целата оваа голгота. А, јас нема да дозволам веќе да се оцрни белиот мантил. Со име и со презиме да се знае кој се огрешил и за тоа да одговара. Пред сѐ, како лекар, како министер и како човек не би сакал да верувам дека некој се осмелил да направи вакви злоупотреби. Ние како Министерство, сите служби, сите сознанија што ги имавме, навистина 24/7 сме отворени за сите истражни органи, сѐ што имаме информација да споделиме, рече Меџити за емисијата „КОД“ на телевизија Телма.
Како што информира Министерството за здравство, во однос на ревизорскиот извештај за магнетна резонанца, Меџити инстакнал дека веднаш се преземени мерки и е постапено брзо и квалитетно. Тој изјави дека проектот за централизација на Клиниката за радиологија е во финална фаза, а целта е, како што се наведува, пациентите да добијат подобри услови за лекување и третирање.