Замрзнатиот дожд, снегот и мразот го попречуваат сообраќајот во централна и источна Кина, додека милиони луѓе патуваат дома пред празникот на пролетниот фестивал, во студеното време што зафати делови од земјата во изминатата недела и уби најмалку две лица.
Едно лице во Хубеи и друго во јужната провинција Хунан загинаа кога натстрешници на пазарите на фармерите се урнаа под силниот снег, објавија државните медиуми.
Провинциите Хунан и Хубеи го поднесоа најголемиот дел од лошото време, кое се влоши во текот на викендот, забавувајќи го сообраќајот на автопатиштата а беа откажани и стотици возови.
Прекините на патувањата се совпаѓаат со најголемата масовна миграција во светот бидејќи милиони луѓе се собираат дома за да ги видат своите семејства за кинеската Нова година.
Видеата на кинеските социјални мрежи овие денови покажуваат луѓе заглавени во возови и заробени во автомобили на снежните автопати во неколку градови, вклучително и Џингжу.
Еден возач бил заробен во автомобил три дена, а патници од Вухан останале заглавени во воз по прекин на струја на ниските температури.
Стотици возови беа одложени а толпи патници беа блокирани на железничките станици во Вухан, објавија локалните медиуми.
Фотографиите од кинеската метеоролошка управа покажуваат свиткани и скршени дрвја покрај патиштата во Хунан, паднати од замрзнатиот дожд.
Властите во Хубеи соопштија дека имаат намера да ги расчистат тунелите и мостовите, каде густиот мраз предизвика сообраќаен метеж.
Кинеската централна метеоролошка опсерваторија предвиде нови дождови, снег и студ на југот во првата половина од оваа недела, но рече дека условите ќе се подобрат од четврток.