Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека ниту еден од функционерите на странски држави нема политичко влијание врз него, премиерот и претседателот на парламентот, дури ниту од Русија. На заедничката прес-конференција со германскиот министер за одбрана Борис Писториус, тој исто така рече дека е горд што претставува земја која, како што нагласи, е слободна и независна. „Што се однесува до руското влијание, да бидам многу јасен… економското влијание е неспоредливо помало од германското, што се однесува до политичкото влијание, не можам да зборувам за сите актери, можеби врз некои имаат можеби немаат влијание на некои, на премиерот, на собранието и на републиката, никој освен граѓаните на Србија нема никакво влијание“, рече Вучиќ. Тој повтори дека никој не може да му нареди и дека, како што рече, „ниту од Вашингтон, ниту од Москва, Берлин или од кое било друго место“. Тој потсети и дека Србија сака да биде на европскиот пат и му се заблагодари на германскиот министер за искрените ставови по ова прашање. „Србија носи одлуки, под ничие влијание, горд сум на таа политика и така ќе биде и во иднина“, рече тој. Запрашан за бројот на Русите во Србија, по агресијата на таа земја врз Украина, Вучиќ рече дека Русите кои се во Србија главно се ориентирани против претседателот Владимир Путин и дека, како што оцени, интересно е што Украинците во Србија се претежно „ многу повеќе ориентирани во корист на Путин. „Тоа не е голема бројка, ги има некаде околу 45.000 до 50.000“, рече српскиот претседател, пренесуваат тамошните медиуми.