Американскиот милијардер Илон Маск денеска изјави дека воведувањето санкции на Европската унија за Такер Карлсон би било навреда за американската јавност.
„Можеме да се согласиме или да не се согласуваме со Такер, но тој е одличен американски новинар и таквата постапка многу би ја навредила американската јавност“, рече Маск на социјалната мрежа Х, реагирајќи на пишувањето на одредени медиуми дека ЕУ може да воведе санкции на Карлсон за интервју со рускиот претседател Владимир Путин.
„Ако тоа е вистина, тоа би било навистина вознемирувачко“, додаде Маск.
Магазинот „Њусвик“ објави претходно денеска, повикувајќи се на изјавите на поранешните и сегашните пратеници во Европскиот парламент, дека ЕУ може да воведе санкции за Карлсон.
Поранешниот белгиски премиер и европратеник Ги Верхофштад, кој ја повика ЕУ да ја истражи можноста за воведување „забрана за патување“ на Карлсон, го опиша новинарот како „порпарол“ на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и Владимир Путин.
„Бидејќи Путин е воен злосторник, а Европската унија го санкционира секој што ќе му помогне во тоа, се чини логично дека и Службата за надворешни работи треба да го истражи случајот на Карлсон“, рече Верхофштад.
Поранешниот европратеник Луис Гарикано изјави дека се согласува со Верхофштад.
„Карлсон повеќе не е новинар, туку пропагандист на најгрозоморниот режим на европско тло и оној кој е најопасен за мирот и безбедноста на Европа“, рече Гарикано.
Пратеникот на Европскиот парламент и поранешен министер за надворешни работи на Естонија, Урмас Пает изјави дека Путин е „претседател на земја која е агресор, обвинета за геноцид и воени злосторства“.
„Карлсон сака да му даде платформа на некој обвинет за геноцид. Ова е погрешно. Ако Путин има нешто да каже, тоа мора да го каже пред Меѓународниот кривичен суд“, рече Пает.
Тој додаде дека Карлсон „не е вистински новинар бидејќи јасно ги изразил своите симпатии кон рускиот режим и Путин и постојано ја омаловажува Украина, жртва на руската агресија“.
„Значи, за ваква пропаганда на криминален режим можете да завршите на списокот со санкции. Ова пред се се однесува на забраната за патување во земјите на ЕУ“, рече Пает.
Карлсон вчера потврди дека дошол во Москва на планирано интервју со Путин, велејќи дека тоа го прави бидејќи тоа е работа на новинар.
„Ние се занимаваме со новинарство. Наша должност е да ги информираме луѓето“, рече Карлсон во видеото објавено на социјалната мрежа X.
Тој додаде дека војната во Украина е „човечка катастрофа“ во која загина цела генерација Украинци, но дека, според него, повеќето Американци не се доволно информирани за тој конфликт.
Американскиот новинар истакна дека Вашингтон два пати се обидел да го саботира интервјуто, што Белата куќа го демантираше.
Истовремено, тој изјави дека сопственикот на социјалната мрежа Х, Илон Маск, ветил дека нема да го блокира разговорот со Путин кога ќе биде објавен на таа платформа.