Мицотакис: Ставот на Грција за Косово не се менува

Премиерот на Грција Киријакос Мицотакис изјави дека нивниот став во однос на Косово не е променет и дека Грција со загриженост ги следи настаните. -Нашиот став во однос на Косово останува непроменет, сметаме дека европското посредување и дијалог се единствениот начин за нормализирање на односите меѓу двете страни и тоа значително би помогнало за стабилноста во регионот, што е цел на сите нас. Со загриженост ги следиме настаните од последните месеци, рече Мицотакис на прес-конференцијата по средбата со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Мицотакис додаде дека неговата земја е веројатно најстабилна во поддршката на Србија на патот кон членството во Европската унија и дека е сигурен оти Белград ќе ги искористи позитивните околности во пристапната процедура. – Иднината на Србија и Западен Балкан е во ЕУ, а ЕУ не може без Западен Балкан и Србија – нагласи грчкиот премиер. Вучиќ изјави дека на денешната средба во Белград на Мицотакис му пренел дека Србија е цврсто посветена на забрзување на европскиот пат и дека тоа не е само формална реченица изречена од политичарите, туку прашање од суштинско значење за земјата. – Но и во Европа треба да разберат дека очекуваме јасни сигнали дека нè сакаат – посочи Вучиќ во своето обраќање пред новинарите и додаде дека се разговарало за сите аспекти на односите меѓу двете земји. Вучиќ истакна дека Грција е еден од значајните, важни и искрени поддржувачи на Србија на нејзиниот европски пат, а двете земји негуваат добри, пријателски и братски односи. Вучиќ рече дека Србија и Грција секогаш меѓусебно се поддржувале во однос на територијалниот интегритет и оти верува дека тоа ќе биде така и во иднина. Грција е една од земјите кои не ja признаваат независноста на Косово.

Треба да знаете
Последни објави