Курти: Србија сака да ја остави отворена опцијата за „инвазија на Косово“

Премиерот на Косово Аљбин Курти изјави дека „цврстиот сојуз на Србија со Русија е вистински редовен безбедносен ризик“ со кој Косово се соочува, и дека поради тоа е неопходен итен договор за нормализација на односите кој двете страни ќе го потпишат. Како што се наведува во соопштението на косовската влада, Курти на панел дискусија во Лондон, организирана од институтот Четам хаус, кажал и дека присуството на Русија на Балканот расте преку Србија, и дека потпишаниот договор би значел „правна сигурност и спроведување на она за што се договориле страните“. „Одбивањето на потпишувањето на договорот значи и дека Србија сака да ја остави отворена опцијата за инвазија на Косово“, наведе Курти кој повторно ја обвини Србија дека стои зад инцидентот во Бањска на 24 септември минатата година, кога косовската полиција се соочи со група вооружени Срби. Официјален Белград ги негира овие обвинувања од Приштина. Минатата година Белград и Приштина го прифатија договорот за нормализација на односите на предлог на Европската Унија и анекс документот за негова имплементација. Претседателот на Србија Александар Вучиќ одбива да го потпише. Европската Унија, која посредува во дијалогот, во неколку наврати наведе дека договорот, без оглед што не е потпишан, е правно обврзувачки за двете страни.

Треба да знаете
Последни објави