Шведскиот фудбалски стратег Свен Горан Ериксон ја шокираше јавноста откако во интервју минатиот месец објави дека боледува од канцер и му преостанува уште помалку од една година живот. Поранешниот англиски селектор говореше на најразлични теми, притоа обелоденувајќи дека голема желба што му останала неисполнета била седнувањето на клупата од премиерлигашот Ливерпул. Приврзаниците на „црвените“ веднаш почнаа кампања за оваа желба на Ериксон да се оствари, па дури и актуелниот тренер на „црвените“ Јирген Клоп се јави со изјава дека е подготвен на еден ден целосно да му ја отстапи својата функција на легендарниот шведски стратег. На крајот, реагираше и управата на клубот која се чини дека најде идеален начин да му излезе во пресрет на Ериксон. Имено, Ливерпул денеска објави дека на 23 март тимот на легенди на Ливерпул ќе се сретне со тимот на легенди на Ајакс, при што на клупата на „црвените“ ќе седи токму Свен Горан Ериксон, а специјални гости на мечот ќе бидат членовите на неговото семејство. Ериксон крај себе во стручниот штаб ќе го има Јан Раш, заедно со клупските легенди Џон Барнс и Џон Олдриџ.