(Видео) Пожар во воден парк во Шведска гори со денови, експлозии уништија тобоган

Шведски пожарникари со денови се борат со пожарот во најголемиот забавен парк во земјата во западниот град Гетеборг. Напорите за гаснење на пожарот беа отежнати поради опасноста од уривање на зградата, соопштија службите за итни случаи.

„Структурата е во пламен и не можеме да влеземе во некои делови од зградата за да се бориме со пожарот бидејќи ризикот од уривање е преголем“, соопшти службата за итни случаи на Гетеборг. Се грижиме пожарот да не се прошири на соседните згради, соопштено е.

Пожарникарите соопштија дека пожарот бил ставен под контрола во вторникот, но се разгорел во вечерните часови.

Пожарот избувна во понеделникот во водениот парк Океана во Гетеборг на југозападот на Шведска. Избувна во делот од паркот кој се уште е во изградба, а е дел од поголемиот забавен парк Лизеберг.

Снимките од понеделникот покажаа експлозии и огнени топки кои уништуваат дел од водениот тобоган. На снимките и фотографиите се гледа дека црн чад се издигнал над дел од градот.
Во пожарот исчезна едно лице, а полицијата соопшти дека 16 лица се полесно повредени и дека на ниту еден не му била потребна хоспитализација. Поведена е истрага поради крајно невнимание и повреда на работниот однос, соопшти полицијата.

Според шведскиот весник Dagens Nyheter, аквапаркот Океана со базен од 10.000 квадратни метри требаше да биде отворен кон средината на јуни. Засега нема информации дали водениот парк ќе се реновира.

Треба да знаете
Последни објави