Украинскиот претседател Володимир Зеленски утре ќе ги посети Германија и Франција и планира да зборува на Минхенската безбедносна конференција на 17 февруари, соопштија од неговата канцеларија. Елисејската палата соопшти дека Франција и Украина в петок ќе потпишат билатерален договор за безбедносни гаранции. Во соопштението се наведува дека францускиот претседател Емануел Макрон требало да го потпише договорот во Украина овој месец, но дека го одложил патувањето „од безбедносни причини“. Нагласено е дека посетата на Зеленски во Париз ќе биде можност Макрон да ја потврди решителноста на Франција да продолжи да дава долгорочна, непоколеблива поддршка на Украина и на украинскиот народ, објави Ројтерс. Дипломатите рекоа дека Зеленски оваа недела ќе склучи билатерални договори за безбедносни гаранции со Франција и Германија. Договорите обезбедуваат рамка за долгорочна хуманитарна и финансиска помош, поддршка за реконструкција и воена помош. Дипломатски извори изјавија дека Франција ќе објави дека издвојува 200 милиони евра за граѓански проекти во Украина кои ќе ги изведуваат француски компании.