„Очекував поостри прашања“ – Путин за интервјуто со Такер Карлсон

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека му е благодарен на десничарскиот американски ТВ-водител Такер Карлсон за интервјуто минатата недела, но е изненаден од недостигот на остри прашања.

Поранешната ѕвезда на „Фокс њуз“, Карлсон, минатиот четврток објави двочасовно интервју со Путин во Москва, кое се најде на насловните страници во светот.

Путин пред рускиот ТВ-водител Павел Зарубин изјави дека сакал Карлсон да се однесува поагресивно, што би му дало право да одговори исто толку јасно.

„Да бидам искрен, мислев дека ќе се однесува агресивно и ќе поставува таканаречени остри прашања. Не бев само подготвен за ова, туку го посакував бидејќи тоа ќе ми дадеше можност да одговорам на ист начин“, рече Путин.

Интервјуто на Карлсон беше прво интервју на Путин со американски новинари од почетокот на руската инвазија на Украина пред речиси две години, а Путин порача дека Западот треба да разбере дека е невозможно Русија да биде поразена во Украина.

„Бидејќи денес не сме во можност да водиме директен дијалог (со Западот)… мора да му бидеме благодарни на господинот Карлсон што можевме да го направиме тоа преку неговата посредничка улога“, рече Путин.

Кремљ соопшти дека Путин се согласил на интервјуто со Карлсон бидејќи пристапот на поранешниот водител на „Фокс њуз“ се разликува од„едностраното покривање на конфликтот во Украина од страна на многу западни медиуми.

Карлсон беше критикуван од некои западни медиуми поради недостигот на тешки прашања во интервјуто.

Треба да знаете
Последни објави