Едните со знамиња во боите на виножитото, симбол на ЛГБТ+ заедницата, другите со темјан и молитви – во центарот на Атина се одржаа одвоени собири „за“ и „против“ законот за истополови бракови додека во Парламентот во тек е расправат во пресрет на гласањето доцна вечерва, јави дописничката на МИА од Атина.
За едните, за оние кои не го поддржуваат законот, денешниот ден е како што велат „ден на жалост“, за другите, за поддржувачите е „ден на радост“ и затоа вечерва ќе останат пред Парламентот, каде што на видеобим ќе ја следат расправата и гласањето.
Во разговор со дописничката на МИА од Атина, припадници на ЛГБТ+ заедницата велат дека изгласувањето на законот е од особена важност, не само за нив лично туку и за човековите права во земјата.
-Законот е многу важен чекор за нас. Става крај на дискриминацијата, но и на нееднаквоста. Повеќе нема да се чувствуваме како граѓани од втора категорија, само затоа што сме во врска со личност од ист пол, вели за млада Гркинка.
Собирите со одржаа одвоено пред грчкиот Парламент, додека пратениците дискутираат за законот, што се очекува вечерва околу полноќ да биде изгласан.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговиот говор порача дека со законот „стануваат видливи луѓето кои досега беа невидливи“
– Реформата што ја легализираме го прави подобар животот на многу наши сограѓани, без да се одземе нешто од животот на другите и за конечно да станат видливи луѓето кое досега беа невидливи, а со нив и многу деца конечно да го најдат местото што им одговара, заедно со сите други, истакна Мицотакис.
Уште еднаш повтори дека не се менува ништо во однос на досегашната рамка на медицински асистираната репродукција, но и дека не се воведува „родител 1“ и „родител 2“.
Предлог-законот „Еднаквост во граѓанските бракови, измена на граѓанскиот законик и други одредби“, што предвидува проширување на можноста за брак на лица од ист пол во Грција и да ја зајакне заштитата од дискриминација, се очекува да добие поддршка од дел од пратениците од владејачката Нова демократија и од пратеници од четири опозициски партии.