Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска се сретна со амбасадорката на Република Хрватска во земјава, Н.Е. Нивес Тигањ.
На средбата беа истакнати пријателските односи меѓу двете земји кои ги поврзува традиционално и искрено пријателство, кои се клучни за градење на побезбедна и попросперитетна иднина за граѓаните на двете држави, како и за целиот регион.
Хрватската амбасадорка Тигањ на премиерот Џафери му честиташе за мандатот и ја изрази силната поддршка за европските перспективи на земјава. Воедно, потврди дека за Република Хрватска е од голем интерес решавањето на прашањето за патните исправи за граѓаните на Република Северна Македонија, со оглед на големиот придонес што го даваат нашите граѓани во нивната туристичка економија.
Џафери истакна дека Владата останува посветена на почитување на европските вредности и спроведување на процесите важни за евроинтеграцијата на Северна Македонија.
Соговорниците на средбата разменија мислења за поддршката на Хрватска за Северна Македонија, во поглед на корисните искуства значајни за евроинтеграцискиот процес.
Северна Македонија и Хрватска имаат воспоставено дипломатски односи пред повеќе од 30 години. Во овој период, билатералните односи се унапредени, а во следниот период двете земји ќе бидат посветени на зголемувањето на трговската размена и на економската соработка.