Утре повторно нема да има јавен градски превоз во Скопје. Ова следува откако вработените во ЈСП не ја добиле платата за месец јануари.
– Еве денеска е 15-ти февруари. Последниот законски ден за исплата за плата. Од утре УЈП ќе земе 0,03 проценти од нашето купче. Не се договоривме така со градоначалничката и директорот на ЈСП Скопје. Советот на Град Скопје си ја донесе одлуката и си ја заврши работата. Остана сега парите да се префрлат и платата да биде во редовен рок – рече Миќо Стојановски, претседател на Синдикатот на ЈСП.
Парите денеска не биле префрлени и поради тоа вработените во ЈСП одлучиле повторно да стапат во штрајк.
– Нема да работат ниту билетарите, ниту линиската контрола, ниту работилници, ниту возачите. Ова мора да престане. Каде ќе им оди душата на луѓето не им е јасно. Нема плата, нема превоз – дециден е претседателот на Синдикатот на ЈСП.
Бараат да има „редовна исплата на платите и ништо повеќе“.