Конкурентката на Доналд Трамп во трката за номинација кај републиканците за претседател, Ники Хејли, уште еднаш жестоко го нападна екс-претседателот за разбирањето што го покажува за Владимир Путин, особено сега по смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални. -Пред една недела Трамп го охрабри Путин да ги нападне земјите на НАТО. Сега, поминаа повеќе од 24 часа откако дознавме за смртта на Навални, а Трамп допрва треба да го каже неговото име. Не можеме да имаме претседател кој застанува на страната на убијци кои сакаат да ја уништат Америка, напиша Хејли на социјалната мрежа „Х“ порано Твитер. Владимир Зеленски, пак, на самитот на Групата 7 порача дека по смртта на Навални, Путин веќе не треба да се смета за легитимен лидер на Русија. -Путин убива кого сака, било да е тоа опозициски лидер или кој било друг што изгледа како цел. По убиството на Навални, апсурдно е да се смета Путин како наводен легитимен шеф на руска држава, рече Зеленски.