Косово денеска ја одбележува 16-тата годишнина од прогласувањето на независноста на државата и по тој повод Владата се собра на празнична седница, додека републичкото Собрание ќе одржи свечена седница, јави дописникот на МИА од Приштина.
Пред свечените седници на Владата и Собранието, државните челници, претседателката Вјоса Османи, претседателот на Собранието Глаук Коњуфца и премиерот Албин Курти, по повод Денот на независноста оддадоа почест пред споменикот на исчезнатите, а потоа свечено беше кренато државното знаме пред косовското Собрание.
Тие ја честитаа 16-годишнината од независноста на Косово и, изразувајќи признание на борбата и отпорот за независно Косово, изразија благодарност и до меѓународните сојузници „кои помогнаа да се изгради заедничкиот дом – Република Косово“.
– Денеска го одбележуваме најголемото историско достигнување на нашиот народ, го одбележуваме денот кога нашата држава беше прогласена за независна, суверена, слободна и демократска и во овие 16 години од нашата држава Косово направи важни чекори напред и природно покажа пред светот дека, не само што ја заслужи својата слобода и независност, туку придонесува и за мирот, стабилноста и безбедноста надвор од нејзините граници.
Сакам да ги споменам сите оние кои го дадоа своето најскапоцено за денес да живееме во слобода, сите маченици на нацијата, на сите маченици на нашата република.
На овој ден повторно се сеќаваме на визијата на архитектот на независноста, претседателот Ибрахим Ругова и на неспоредливата пожртвуваност, јунаштво и храброст на семејството Јашари и на сите војници на ОВК предводени од легендарниот врховен командант Адем Јашари, рече Османи.
На владината седница која се одржа веднаш по оддавањето почести, премиерот Курти изјави дека, „исто како и на денот кога беше прогласена независноста (17 февруари 2008), така и денес и секој нареден ден, Република Косово ќе биде дом за сите нејзини граѓани, без разлика на нивната припадност“.
– Благодарни сме на сите кои придонесоа за нашата ослободителна борба и за нашиот процес на независност.
Посебна благодарност до нашите меѓународни партнери и сојузници за нашето заедничко патување кон консолидацијата на државата и меѓународниот субјективитет на нашата Република.
Секогаш и засекогаш сме им благодарни. . .
Нашата визија е јасна, стоиме на рамо до рамо со мирољубивите демократски држави кои ја отелотворуваат слободата, единството и солидарноста, рече меѓу другото Курти.
Свечената седница на Собранието на Косово е закажана за во 12 часот, а попладнево, во 17 часот, косовскиот државен врв ќе органзизра свечен прием.