Се појавија нови обвинувања за сексуално недолично однесување против францускиот глумец Жерар Депардје. Тужбата е поднесена на 9 јануари и се однесува на сексуален напад за време на снимањето на филмот „Магионичарот и Сијамецот“ (Le Magicien et les Siamois) пред речиси 10 години – наводно сè се случило во март 2014 година.
Жената, која претпочита да остане анонимна, тогаш имала 24 години и работела како асистентка. Таа се жали дека Депардје ѝ ги допирал интимните делови и ѝ давал непристојни забелешки. Пријавата против Депардје е поднесена за „полов напад врз ранлива личност од страна на лице кое го злоупотребува овластувањето на својата положба“. Неколку жени досега го обвинија познатиот глумец, за сексуално насилство, објави весникот „Куриер де л’уес“ (Le Courrier de l’Ouest).
Според весникот, адвокатот на Депардје смета дека, како и во другите судски постапки кои се во тек, неговиот клиент порекнува сексуално вознемирување.
Депардје е под истрага за обвинувања за силување од 2020 година. Од средината на септември лани е во тек уште една жалба против него за сексуална злоупотреба. Се наведува дека тој настан се случил 2007 година.
Францускиот глумец ги отфрли наводите од обвиненијата. Во писмото објавено во весникот „Фигаро“, тој се опишува себеси како „жртва на медиумски линч“.
Депардје беше остро критикуван и за своето однесување во документарниот филм за неговото патување во Северна Кореја во 2018 година, којшто беше прикажан на почетокот на декември. Во филмот, се вели, тој постојано дава мизогинистички и вулгарни коментари.