Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на 60. Минхенска безбедносна конференција денеска говореше на панел-дискусијата „Фокус на Балканот”, на која учествуваа и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, премиерот на Република Албанија, Еди Рама и американската сенаторка Џејн Шахин, член на Комитетот за меѓународни односи на Сенатот на САД. На настанот се диксутираше за перспективите за интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, и можностите за деблокада на процесот. Во однос на перспективите за промена на Уставот, како пречка за натамошно продолжување на интеграцијата на Северна Македонија, претседателот Пендаровски рече дека до одржувањето на изборите тоа нема да е можно, бидејќи земјата веќе е во т.н. техничка фаза со формирањето на преодната влада, чија единствена задача е организирањето на фер и демократски избори. Претседателот Пендаровски посочи на падот на интересот за ЕУ во регионот, посочувајќи го македонскиот пример, дека и по тешки компромиси, државата нема напредок во интеграцијата кон ЕУ. Тој додаде дека Европската Унија не е прашање на денот години наназад во целиот регион на Западен Балкан, не само во Северна Македонија, посочувајќи дека блокадата на патот кон ЕУ носи поларизација и помеѓу самите македонски граѓани во однос на ЕУ, не само на етничка основа. Говорниците на панелот посочија на потребата од обезбедување на јасна европска перспектива за државите-кандидати за членство во ЕУ, што позитивно ќе влијае на севкупната стабилност и просперитет на регионот. На настанот беше истакната и важноста на поддршката што САД ја даваат на процесот на европска интеграција на земјите од регионот и за продолжување на реформската агенда во тој контекст.