Хрватите излегоа на протести против ХДЗ

Хрватските опозициски лево-либерални партии денеска од протестот на плоштадот „Свети Марко“ во Загреб најавија дека доста е од корупција, лаги, криминал и Хрватска демократска заедница (ХДЗ) и дека Хрватска е зрела за промени. Според оценката на хрватските медиуми, на протестот „Доста е! Одиме на избори!“ се собраа повеќе од 5.000 граѓани, а причина за тој собир што го организираа 11 опозициски парламентарни партии беше неодамнешното назначување на Иван Турудиќ за главен државен обвинител. Претседател на Социјалдемократската партија Пеѓа Грбин и координаторката на Можемо!, Сандра Бенчиќ по протестот рекоа дека најважната порака на граѓаните е дека им е преку глава од корупција, лаги, криминал и ХДЗ. Тие додадоа дека ова е само почеток на приказната, а не крај. Опозицијата бара итно распуштање на Собранието, поради што вчера достави потписи таа точка да се стави на дневен ред. Премиерот Андреј Пленковиќ од Минхен порачал дека не го следел протестот, бидејќи утринава бил учесник на безбедносната конференција во овој германски град. Според него Хрватска е демократска земја во која секој може да каже и мисли што сака, во рамките на законот. Според N1 Загреб, на протестот било приведено едно лице, а полицијата интервенирала затоа што некој од учесниците активирал пиротехничко средство, односно димна бомба.

Треба да знаете
Последни објави