Советничката во Општина Карпош и член на Извршниот одбор на ГРОМ, Добрила Андоновска со реакција на вчерашниот скандалозно донесен ДУП во Ѓорче Петров.
Таа во својата објава на Фејсбук напиша дека е навистина вознемирена дека ќе се градат две хемиски фабрики во населено место, а истите спакувани во “развојни погони” за да не се вознемири населението.
„Јас сум советник во Општина Карпош трет мандат. Искрено, кога вчера слушнав дека ќе се градат дваесеткатници во Ѓорче Петров се изненадив, но сепак си реков ние не сме против сите градби.
Денес кога слушнав дека таму ќе се градат и две големи хемиски фабрики навистина се вознемирив.
Внимателно ја прочитав реакцијата на градоначалникот на Ѓорче Петров, мојот колега д-р. Александар Стојковски.
Пи-ар стратезите на ВМРО – ДПМНЕ вешто му смислиле да ги реди парковите, спортските терени, градинка, училиште, а фабриките ги ставил во внимателно одбрани зборови, а тоа е „развојни погони“.
Претпоставувам дека со зборовите „ развојни погони “ ги изманипулирал и советниците од Ѓорче Петров затоа што, наведувам, во овие зборови не се крие никаква опасна индустрија.
Жал ми е што морам да кажам дека освен нашиот градоначалник Јакимовски, денеска никој не реагираше.
Посебно сметам дека градоначалникот е во право кога зборува за дволичноста на ВМРО-ДПМНЕ, непринципиелноста на независната Невена Георгиева, невладината О2, како и на советничката група на Левица. Секако, не треба да се заборават наводните граѓани од „ Борба за Влае “ вели Андоновска.