Во судот во Хаг започна рочиштето за израелската окупација на палестинската територија

Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг денеска го отвори еднонеделното рочиште за правните последици од израелската окупација на палестинските територии, на кое пред судиите треба да се обратат претставници на повеќе од 50 земји.

Пред судот најпрво ќе се обрати палестинскиот министер за надворешни работи Ријад ал Малики, а меѓу другите треба да се обратат и претставници на САД, Кина, Русија, Јужна Африка и Египет.

Израел нема да учествува на сослушувањето, иако испрати писмен поднесок до судот.

Сослушувањата ќе се одржуваат до 26 февруари, по што се очекува на судиите да им бидат потребни неколку месеци за да размислат за ова прашање пред да дадат советодавно мислење.

Израел во минатото ги игнорираше ваквите мислења,но мислењето на МСП во екот на тековната војна во Појасот Газа може да има ефект на зголемен политички притисок врз Израел.

Израел ги освои Западниот Брег, Појасот Газа и Источен Ерусалим во војната во 1967 година.

Израел се повлече од Газа во 2005 година, но заедно со соседниот Египет сè уште ги контролира границите на Појасот Газа.

Генералното собрание на Обединетите нации побара од МСП во 2022 година да даде советодавно, односно необврзувачко мислење за правните последици од израелската окупација на палестинските територии.

Треба да знаете
Последни објави