Претседателката на Косово, Вјоса Османи тврди дека сите траги од нападот на српската група во Бањска во северно Косово на 24 септември минатата година водат до претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Во интервју за пан-арапскиот медиум „Ал Аан“ (www.alaan.tv), кое синоќа го дистрибуира прес-службата на Претседателството на Косово, Османи вели дека и од косовските сојузници е потврдено дека Вучиќ стои зад нападот, како наредбодавач и организатор.
– Овие докази се потврдени од нашиот најважен сојузник, а се споделени и со земјите членки на НАТО. Сите докази водат до Вучиќ. Не зборуваме за негово губење контрола врз некои банди. Зборуваме за тоа дека преку банди ги организирал и наредувал нападите. Сега се обидува да побегне одговорност, давајќи некои имиња. Сите знаат, имам примено многу гости и лидери во мојата канцеларија и тоа ми го потврдија. Има и случаи кога директно му кажале на Вучиќ дека имаат многу докази дека тој стои зад нападот. Ова сведоштво е потврдено од разни сојузници, изјави Османи.
Според неа, Косово ја спроведе својата истрага преку одговорните институции, по што дел од резултатите на истрагата е објавен, а дел зависи од полицијата кога ќе биде објавен.
– Сите докази постојат за оние кои сакаат да ги видат. Но, има земји кои не сакаат да ги користат, а и други кои сакаат да ги игнорираат. Но, историјата во многу случаи не научи, на потешкиот начин, дека кога автократите се обидуваат да се смират, тогаш се охрабруваат да направат повеќе, а не помалку, порача Османи.
Во нападот на српска вооружена група во Бањска кај Звечан, на 24 септември 2023 година, загина припадник на косовската полиција, а уште двајца беа повредени, а тројца од српските напаѓачи беа убиени во полициската реакција.
Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека неговата влада ја исполнува преземената обврска за операционализација на Институтот за документирање на злосторствата извршени од страна на Србија за време на војната во Косово во 1998-99 година.
Курти денеска на својата страница на Фејсбук сподели видео од моментот кога вчера во Институтот беше извршено примопредавањето на првите документи со кои се докажуваат злосторствата извршени од српските полициски, воени и паравоени формации во Косово во последната војна.
Тој им се заблагодари на семејствата на исчезнатите за нивната посветеност во документирањето на злосторствата на Србија.
– Функционализацијата на Институтот за документирање на злосторствата извршени за време на војната во Косово е обврска што се исполнува кон нашата колективна меморија како народ и кон нашето барање за правда, напиша Курти.
Тој информира дека вчера, на 16-годишнината од независноста на Косово, бил во Институтот за документирање на српските злосторства во Косово, заедно со извршниот директор Атде Хетеми и претседателот на Координативниот совет на здруженијата на семејствата на исчезнатите во Косово, Ахмет Грајчевци, на церемонијата по повод примопредавање на првите документи во овој Институт.
Владата на Косово во септември минатата година го усвои нацрт-законот за Институтот за злосторства извршени за време на војната во Косово, од 1 јануари 1998 година до 20 јуни 1999 година, кој потоа беше усвоен и од Собранието на Косово.