На интернет просторот од неодамна започна со работа црковниот информативен портал „Литургија.мк“.
Името е изведено од зборот „λειτουργία, литургиа“ кој прво ги означувал сите општествени, јавни служби, а потоа го добил значењето на главната христијанска богослужба.
Интернет-порталот „Литургија.мк“, како што е наведено од тимот што ќе го уредува, ќе известува за црковните и општествените настани во Македонија и светот, ќе објавува компетентни и врамнотежени анализи на црковните состојби, со цел да го инспирира ставот на публиката во однос на актуелните црковни теми, и ќе поучува за христијанството во неговиот целосен теоретско-практичен опсег.
На порталот (https://liturgija.mk/) ќе има и други содржини: новости од МПЦ – ОА и од православниот свет, разни соопштенија поврзани со Црквата, како и приказ на современи текстови, ставови и поуки за православната вера.