Норвешката Влада синоќа соопшти дека ќе посредува во трансферот на замрзнатите средства наменети за Палестинската управа собрани од Израел.
Според привремените мировни договори постигнати во 90-тите години од минатиот век, израелското Министерство за финансии собира даноци во име на Палестинците и врши месечни трансфери до Палестинската управа.
– Оваа привремена шема ќе игра клучна улога во спречувањето на финансискиот колапс на Палестинската управа, се наведува во соопштението на норвешката Влада.
Според спогодбата договорена со израелските и палестинските власти, Норвешка ќе служи како посредник за замрзнатите приходи што Израел ги собира од 7 октомври.
Израел на 2 ноември објави дека ќе продолжи да ги префрла даночните приходи на Палестинската управа на окупираниот Западен Брег, но ќе ги задржи средствата наменети за Појасот Газа, со која владее Хамас.