Урсула Фон Дер Лејен ја објави својата кандидатура за втор мандат на чело на ЕК

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска соопшти дека има намера да се кандидира за втор мандат на таа функција и ја доби поддршката од нејзината Христијанско-демократска унија (ЦДУ).

„Донесувам многу свесна и добро осмислена одлука“, изјави фон дер Лајен на прес-конференција по партискиот состанок во Берлин.

Претседателот на германската Христијанско-демократска унија (ЦДУ), Фридрих Мерц изјави дека партијата едногласно ја избрала Фон дер Лајен за кандидат за претседател на Европската комисија.

Фон дер Лајен (65), поранешна германска министерка за одбрана, ја објави својата намера да биде на чело на ЕК уште пет години на лидерскиот состанок на ЦДУ во Берлин, додава Шпигел.

Фон дер Лајен (65), чиј петгодишен мандат на чело на ЕК беше обележан со повеќе кризи, вклучително и пандемијата на коронавирус и војната во Украина, сега треба само да добие одобрение на конгресот на Европската народна партија во март во Букурешт.

Функцијата претседател на Европската комисија мора да се пополни по европските избори во јуни годинава, а правилото е дека на оваа позиција се именува кандидат од европската политичка група која има најдобра позиција на изборите за Европскиот парламент.

Бидејќи Европската народна партија, чиј член е Фон дер Лајен, води според претходните анкети, постојат големи шанси таа да остане претседателка на Европската комисија.

Доколку биде избрана, таа ќе го започне својот втор мандат како шеф на ЕК во време кога Европа се фокусира на тоа како да ја зајакне својата безбедност, со оглед на војната што Русија ја води во Украина и можноста поранешниот американски претседател Доналд Трамп да се врати во Белата куќа.

Фон дер Лајен на безбедносна конференција во Минхен рече дека Европската комисија ќе претстави предлог за одбранбена стратегија чија цел е да се поттикне поголемо и поефикасно трошење со заеднички набавки и договори за да се обезбеди предвидливост на индустријата.

Лидерите на земјите-членки на ЕУ ќе го изберат претседателот на Европската комисија по изборите за Европскиот парламент во јуни годинава.

Треба да знаете
Последни објави