Тошковски, Буши и Бојмацалиев се сретнаа со францускиот амбасадор Бомгартнер

Денеска (19.02.2024), министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заменик министерот Назим Буши и дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев остварија работна средба со амбасадорот на Француската Република Н.Е.Сирил Бомгартнер.

На средбата министерот Тошковски упати благодарност за соработката меѓу полициските органи на двете држави, како и за целокупната поддршка од страна на Амбасадата на Француската Република, особено во делот на обуките за полициските службеници.

На прашање на амбасадорот Бомгартнер, министерот Тошковски го запозна за функционирањето на Министерството за внатрешни работи во техничката Влада, кое има голема одговорност во спроведувањето на изборите кои ни претстојат. Во таа насока, улогата на МВР е законито и професионално постапување во организирањето и спроведувањето фер и демократски изборен процес. Во тој контекст, министерот Тошковски укажа на неможноста согласно Закон во рамки осумте раководни работници на Секторите за внатрешни работи да назначи началник на СВР Тетово, со што се нарушува можноста да биде гарант на изборниот процес за тоа подрачје.  

Министерот Тошковски ги образложи преземените мерки со цел ублажување на процедурите за вадење на лични документи со цел граѓаните да можат на еден достоинствен начин да дојдат до својот личен документ. Во тој контекст укажа и на почитување на правните процедури во однос на рокот на важност на патните исправи, ставајќи се во улога на заштита на човековите права во однос на слободното движење на граѓаните.

На средбата, амбасадорот Бомгартнер ја потенцираше досегашната соработка со МВР и детално ги нагласите проектите, обуките и експертите каде Француската Република дава главна поддршка, со цел јакнење на капацитетите на македонската полиција.  

Дополнителниот заменик министер Бојмацалиев се заблагодари за досегашната соработка со Француската Република, особено во делот на заедничките обуки за вработените во МВР.  Воедно нагласи дека раководството на МВР во овој состав на техничката Влада, засега функционира професионално и законито, без политички влијание, со што се потврдуваат заложбите за организирање фер и демократски избори.

Треба да знаете
Последни објави