Израел ja бомбардира Рафа додека продолжуваат преговорите за прекин на огнот

Израел изврши нови воздушни напади врз Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, додека сложените преговори за прекин на огнот продолжуваат. Во бомбардирањето на Појасот Газа во последните 24 часа загинаа 97 лица, соопшти Министерството за здравство на Хамас.

Советникот на американскиот претседател за Блискиот Исток, Брет Мекгурк, се очекува во четврток во Израел за да се обиде да го надмине ќор-сокакот во разговорите за прекин на огнот. Пред тоа тој го посети Каиро, кој неделава го посети и шефот на политичкиот комитет на Хамас, Исмаил Ханија. Меѓународната заедница е загрижена за судбината на речиси еден и пол милион Палестинци кои се засолниле во Рафа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави претстојна копнена офанзива врз градот за да го порази Хамас во неговото „последно упориште“ и да ги ослободи заложниците. Во средата вечерта израелски авиони извршиле десетина напади во Појасот Газа.

Беше бомбардиран и Хан Јунис, на неколку километри северно. Нападната е болницата Ал Амал, соопшти палестинската Црвена полумесечина. Втората голема болница Насер беше заземена од израелската армија на 15 февруари.

Во досегашната израелска офанзива, според Министерството за здравство на Хамас, во Појасот Газа загинале 29.410 луѓе, главно цивили.

Хуманитарната ситуација е особено алармантна на северот на палестинската енклава, каде владее „хаос и насилство“, според Светската програма за храна, која во вторникот ја прекина распределбата на помошта. Хуманитарната помош во Појасот Газа влегува главно преку Рафа од Египет, но речиси е невозможно да се достави на север од енклавата поради уништената инфраструктура и борбите.

Насилството се разгоре на окупираниот Западен Брег. Тројца Палестинци пукале од автоматско оружје кон возилата заглавени во сообраќајот во еврејската населба во близина на Ерусалим во четвртокот, при што според израелската полиција загинало едно лице, а ранети се осум.

Треба да знаете
Последни објави