Американскиот претседател Џо Бајден изјави денеска дека Израел се согласил да ги прекине воените активности во Појасот Газа за време на Рамазан и додаде дека еврејската држава ризикува да ја загуби поддршката од остатокот од светот бидејќи Палестинците умираат во голем број.
Бајден, кој го објави ова за време на гостувањето во емисијата „Late Night Show“ на NBC, додаде дека Израел се обврзал да им дозволи на Палестинците да се евакуираат од Рафа во јужна Газа пред да се интензивира кампањата за уништување на Хамас во областа. Тој нагласи и дека постои начелен договор за прекин на огнот меѓу двете страни додека не бидат ослободени заложниците.
„Ако го добиеме тој привремен прекин на огнот, ќе можеме да се движиме во насока каде што ќе можеме да ја промениме динамиката и да не постигнеме веднаш решение за две држави, туку процес со кој ќе дојдеме до решение за две држави, процес со кој ја гарантираме безбедноста на Израел и независноста на Палестинците“, рече Бајден.
Тој се надева дека до следниот понеделник ќе се постигне прекин на огнот во конфликтот.