Верстапен и Хамилтон се најплатените возачи во Формула 1

Најавата за преселба на Луис Хамилтон од Мерцедес во Ферари на крајот на годината го разбранува пазарот на возачи.

Слободното место во престижниот болид на Мерцедес е голем предизвик за повеќето возачи во Ф1.

Фактот дека Карлос Саинц Јуниор, возач со докажан потенцијал, е слободен може дополнително да ја искомплицира ситуацијата.

Затоа, не е чудно што тимовите решија на своите најдобри возачи да им дадат големи плати на долгорочни договори, за да го спречат нивното евентуално заминување.

Најмногу профитираа Чарлс Леклер и Ландо Норис кои потпишаа исклучително профитабилни договори за да ги држат надвор од радарот на Мерцедес.

„Racing News 365“ открива дека Леклер оваа година во Ферари ќе заработи дури 34 милиони евра, што го прави трет најплатен возач зад недопирливото дуо Макс Верстапен – Луис Хамилтон.

Норис веднаш „скокна“ на четвртото место со годишна плата од 20 милиони евра во Мекларен.

Инаку, трикратниот последователен шампион Верстапен останува најплатен возач, кој ќе заработи најмалку 55 милиони евра.

Мерцедес ќе му плати на Хамилтон дури 45 милиони во последната година од договорот.

Интересно е да се анализираат и другите плати.

Така, Серхио Перез, вицешампионот од минатата сезона е на скромното седмо место по плата.

Мексиканецот годинава ќе заработи 14 милиони евра.

Француски Алпин реши да ги почести своите возачи Естебан Окон и Пјер Гасли, кои лани на тимот му донесоа само две трети места, со плата од по шест милиони евра.

Јуки Цунода и младиот Логан Сарџент се на дното на листата. Јапонецот и Американецот сезонава возат за плата од милион евра.

Важно е да се напомене дека се работи за основни плати, во кои не се вклучени бонуси за победи и подиуми, тимски резултати…

Викендов започнува новата сезона во Формула 1.

Треба да знаете
Последни објави