Туск: Полска преговара со Украина за привремено затворање на границата

Полскиот премиер Доналд Туск денеска изјави дека Полска преговара со Украина за привремено затворање на заедничката граница и суспендирање на билатералната трговија, пренесува УНИАН, повикувајќи се на пишувањата на полските медиуми.

„Подготвен сум да донесам тешки одлуки кога станува збор за границата со Украина. Секогаш се консултирам со Киев за да се избегнат непотребните тензии. Но, мора да најдеме долгорочно решение“, рече Туск и нагласи дека тоа ќе биде привремено и болно решение за двете страни.
Тој најави дека утре ќе се сретне со лидерите на земјоделците кои протестираат против земјоделската политика на Европската унија и увозот на евтина храна од Украина.

Илјадници полски земјоделци протестираа вчера на улиците на Варшава барајќи владата да се повлече од „Зелениот договор“ на Европската унија – план кој, меѓу другото, има за цел борба против климатските промени преку намалување на употребата на пестициди.

Полска, Унгарија и Словачка минатата година го забранија увозот на евтино украинско жито за да го заштитат сопственото земјоделство.

Треба да знаете
Последни објави