И во ГРОМ се подготвуваат листите, докторка и професор носители во првата и втората изборна единица

Во партиите, на големо се одвиваат подготовките за листите за пратеници за претсојните парламентарни избори.

Тоа освен што е случај со најголемите парламентарни партии, е процес што се случува и во помалите политички партии.

Како што неофицијално дознава 24инфо, партијата ГРОМ на градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, веќе ги има одредено носителите во првата и втората изборна единица.

Во „кецот“ листата ќе ја предводи Добрила Андоновска, докажана докторка во јавното здравство и потпретседателка на партијата ГРОМ, која истовремено е советничка во Советот на општина Карпош.

Андоновска е основоположник на Центарот за третман на изгореници, за што стручно се едуцирала во Љубљана, Загреб, Софија и Оксфорд. Автор и коавтор на над 100 стручни и научни трудови од областа на хирургијата.

Во втората изборна единица, носител на листата на пратеници ќе биде професорот Иван Анастасовски, професор на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и поранешен пратеник во Собранието и негов потпретседател во периодот 2006-2008 година.

За носителите за другите изборни единици се уште се разговара, а оваа партија најверојатно ќе има и претседателски кандидат, затоа што на лидерот на ГРОМ, Јакимовски му недостигаат уште помалку од 1.800 потписи за да стигне до бројката од 10.000 потребни потписи за кандидатурата.

Имајќи предвид дека крајниот рок за собирање потписи е осми март, за очекување е Јакимовски до тогаш да успее да го собере потребниот број на потписи.

Треба да знаете
Последни објави