Министерот за внатрешни работи во техничката влада на Македонија, Панче Тошковски во гостувањето на утринската програма на „Слободен печат“ изјави дека идејата на Народниот правобранител, Владата, и сите оние кои бараат издавање лични документи по брза лента е одлична, но факт е дека МВР располага со две машини. -Барањето на Народниот правобранител за издавање лични карти по брза линија за оние граѓаните кои немаат документ и нема да можат да гласаат на изборите е одлично. Добро е и барањето на Владата да им се излезе во пресрет на превозниците, но бараат и ИТ инженери и здравствените работници и професори… Сите бараат и јас ги поттикнувам сите да се организираат и да достават барање. Ама фактот е дека МВР има две машини за печатење пасоши, вели Тошковски. Министерот додава дека капацитетот на вработените кои работат на печатење на пасоши е околу 3.000 дневно. -Луѓето работат по десет часа на ден и во саботите и во неделите. Решение е да се смени законот, вели Тошковски.