Техничкиот премиер на Владата во Македонија, Талат Џафери ги повика граѓаните кои немаат документи со новото име на државата, да поднесат барања за да ги извадат во следните 50 дена до изборите. Што ќе се случува доколку и по истекот на овие 50 дена има граѓани кои немаат документи, техничкиот премиер вели дека е тема за размислување и барање на решение. Џафери побарал известување за динамиката на издавање пасоши, лични карти и возачки дозволи од Министерството за внатрешни работи. Добил известување дека во периодот од 1 февруари до 29 февруари биле поднесени 123.983 барања за пасоши, а изготвени биле 95.000 пасоши. Во истиот период имало 82.235 барања за лични карти, а изготвени биле 71.410. За возачки дозволи имало 46.280 барања, а изготвени биле 39.552 документи. -Имајќи предвид дека има уште 50 дена, со оваа динамика тие 100 илјади што се врти информација дека немаат документи во март може сите да извадат соодветни документи со новото име на државата. Клучно е граѓанинот да иницира барање, рече техничкиот премиер Џафери. На забелешката дека за издадените пасоши во февруари граѓаните закажувале термини и се фотографирале претходните месеци Џафери рече дека тоа се податоци од МВР за динамиката. -Јас немам име и презиме за издадените пасоши, но можам да побарам. За да имам документ мора да побарам. И јас дома имам петмина што немаат документи ама и не побарале, одговори Џафери на забелешката.