Техничкиот премиер Талат Џафери денеска на прес-конференција, во врска со протестите на пет државни универзитети, кажа дека на закажани избори не се потпишуваат колективни договори и оти протестите се користат за дневно-политички цели. Џафери додаде дека секој има право на протест и штрајк, но оти решението за оваа ситуација, како што кажа, ќе се бара по изборите. Членовите на синдикатите на петте државни универзитети „Гоце Делчев“- Штип, „Св. Климент Охридски“ – Битола, Државен Универзитет во Тетово, „Св. Апостол Павле“ и „Мајка Тереза“ во Скопје во понеделникот на мирен протест побараа потпишување на колективен договор на овие универзитети и изедначување на правата, обврските и одговорностите со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје. Тие го поздравија потпишувањето и спроведувањето на колективниот договор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, но истовремено укажаа на нееднаквиот статус на останатите пет јавни универзитети во земјата. Сметаат дека се игнорирани и дискриминирани од Владата и Собранието во однос на УКИМ, чии вработени со потпишаниот колективен договор од овој месец ќе добијат зголемување на платите за околу 22 отсто. -По примерот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, ги насочив како треба да го подготват колективниот договор, уште на почетокот на 2023 година. Но, тие почнаа да ги доставуваат барањата во октомври, а последното беше на 29 декември. Ниту физички ниту формално правно немаше можност да се завршат овие работи, изјави Џафери и потенцира дека тие не биле дискриминирани, бидејќи немале формирано навреме синдикати.