Банките се должни, на граѓаните, пред да пристапат кон користење на платежните услуги, да им дадат т.н. информативен документ со стандардизирана структура, поими, термини и дефиниции, за надоместоците коишто им ги наплаќаат. Целта е на граѓаните да им се даде поширока информација и можност за споредба на надоместоците, пред да донесат одлука од која банка ќе користат платежни услуги, посочува заменик-директорката на Дирекцијата за платни системи, при Народната банка, Биљана Доновска-Гечева, во гостување на телевизија Канал 5.
„Законот за платежни услуги и платни системи има за цел да ја осигури транспарентноста и заштитата на потрошувачите. Во согласност со Законот, Народната банка пропиша единаесет најрепрезентативни услуги коишто се поврзани со платежната сметка и овозможуваат споредба на надоместоците. Од септември минатата година, на веб-страницата на Народната банка е поставена алатка преку која граѓаните може да ги споредат надоместоците коишто ги наплаќаат давателите на платежните услуги, според банката или според видот на услугата. Алатката е едноставна за користење, но доколку на граѓаните им се потребни дополнителни информации, исто така содржи и објаснувања”, вели Доновска-Гечева.
Заменик-директорката посочува и дека банките се должни, на почетокот на годината, да им достават извештај на своите корисници за надоместоците коишто им ги наплатиле во текот на изминатата година.
Доновска-Гечева истакнува дека рамковниот договор помеѓу банката и корисниците на платежните услуги е клучен документ, со кој се уредуваат правата и обврските за двете страни. „Законот за првпат ја определува содржината на рамковниот договор и во таа смисла, сите одредби коишто ги пропишува Законот за поголема заштита на потрошувачите важат и за договорите коишто граѓаните ги исклучиле пред стапувањето во сила на овој закон, односно пред 1 јануари 2023 година. Секако, доколку граѓаните не се задоволни од обезбедувањето одредена платежна услуга во согласност со договорот, тие имаат право да поднесат приговор до банката од која ја користат таа услуга, а понатаму и поплака до Народната банка. Ние соодветно постапуваме според поплаките на граѓаните”, вели Доновска-Гечева.