Утре, на денот на жената, во Ирска ќе се одржи референдум со цел да се избрише членот од уставот кој вели „местото на жената е во домот“. Владата, по неколкугодишен притисок, се согласи да одржи два референдуми: за контроверзните женски должности и за проширување на уставната дефиниција на семејството од брак до долгорочно партнерство/врска.
Членот 41.2 од ирскиот Устав, кој датира од 1937 година, гласи: „Државата признава дека домаќинката и дава поддршка на државата без која не може да се постигне општото добро. Според тоа, државата ќе настојува да обезбеди мајките да не мораат да се вработат поради економска потреба, при што би ги занемариле домашните обврски“.
Од власта велат дека ваквата формулација во уставот е сексистичка и застарена и треба да се отстрани. Тие предлагаат да се замени со следниов текст: „Државата признава дека грижата за членовите на семејството обезбедува поддршка за општеството, без која не може да се постигне општото добро, и ќе настојува да ја поддржи таквата активност“.
Националниот совет на жени, кој води кампања за промена на уставот, наведува дека „сексистичкиот, стереотипен јазик нема место во уставот и дека тој е од време кога жените биле третирани како граѓани од втор ред“.
Оние кои се против промената сметаат дека Уставот не тврди дека на жената е место во домот, туку нуди признание за домашните работи. „Уставот вели дека работата што жените ја вршат дома е фантастична“, изјави за Sky News адвокатката Бренда Пауер, членка на групата Lawyers For No.
„Ниту една жена не треба да биде принудена да работи надвор од домот ако повеќе сака да остане дома со децата. Минатата недела беше спроведена анкета во која 70% од жените кои моментално работат надвор од домот рекоа дека би останале дома доколку имаат опција“, додаде таа.