Бајден: Нетанјаху греши, Израел ја губи поддршката ширум светот

Американскиот претседател Џо Бајден оцени дека пристапот на Бенјамин Нетанјаху кон војната во Газа „повеќе му штети отколку што му помага на Израел“, во интервју емитувано вчера, додека нетрпеливоста на американскиот лидер кон израелскиот премиер станува се повидлива.

Нетанјаху „има право да го брани Израел, право да продолжи да го прогонува Хамас“, рече Бајден, но додаде дека „мора да посвети повеќе внимание на невините животи кои се изгубени како резултат на преземените дејствија“.

„Според мое мислење, тој му прави повеќе штета отколку корист на Израел… тоа е спротивно од она за што се залага Израел. И мислам дека тоа е голема грешка“, рече тој во интервју за MSNBC.

Тој додаде дека Израел ја губи поддршката во целиот свет.

Бајден и неговите помошници силно го повикуваат Нетанјаху да не се впушта во голема офанзива во Рафа додека Израел не развие план за масовна евакуација на цивили од последната област на Газа која сè уште не е нападната од копнените сили.

„Постојат и други начини да се справиме со траумата предизвикана од Хамас“, рече Бајден.

И покрај промената на тонот на Бајден, неговата администрација ги отфрли повиците на активистите да ја ограничат воената помош од милијарди долари што САД му ги испраќаат на Израел.

„Сакам да видам прекин на огнот, почнувајќи со голема, голема размена на затвореници, во период од шест недели. Одиме во Рамазан, ништо не треба да се случи и треба да продолжиме да го надградуваме тој прекин на огнот“, рече Бајден во интервјуто.

Треба да знаете
Последни објави