Инетгрален текст од соопштение на СДСМ:
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска беше во посета на Гевгелија при што ја посети компанијата, ДИЕМ-ГП, успешна компанија од преработувачката индустрија, во 100% домашна сопственост, која речиси 30 години расте и се развива. Производите на компанијата ДИЕМ-ГП се препознатливи на македонскиот пазар, а се извезуваат и во повеќе земји низ целиот свет.
„Ова е една од илјадници компании кои се доказ дека во Македонија има поволна бизнис клима и дека државата е сигурен партнер и обезбедува поддршка на домашните компании. За тоа најдобро говорат бројките. Во периодот од 2017 до 2023 година обезбедивме финансиска поддршка од 100 милиони евра за вкупно 919 компании кои резултираа во половина милијарда евра инвестициски циклуси за компаниите. Со тоа ја зголемивме отпорноста на домашните бизниси во време во кое светот се соочуваше со една од најголемите кризи, а дополнително се креираа и нови работни места, се генерираа инвестиции и се овозможи раст на платите.” истакна Ковачевски во изјавата за медиумите по посетата на ДИЕМ – ГП во Гевгелија.
Претседателот Ковачевски се осврна и на последните податоци на Државниот завод за статистика, според кои индустриското производство во јануари 2024 година во споредба со минатата година е пораснато за 2,8 проценти, а конкретно преработувачката индустрија бележи раст од 8,1 проценти.
„Овие бројки се дел од показателите дека македонската економија закрепнува и дека има потенцијал за раст. Владата предводена од СДСМ покажа дека знае да креира економски политики, знае да го поддржува бизнис секторот, да соработува со него и дека буџетската поддршка ја насочува кон реалниот сектор и кон компании кои може да стимулираат реален раст и да го зголемат извозот.” рече Ковачевски
Говорејќи за плановите по изборите Ковачевски рече дека СДСМ води реални и одржливи економски политики кои даваат резултат и дека поддршката на компаниите ќе продолжи и досегашните 100 милиони, ќе се зголемат најмалку за 50%, за да можат домашните компании што повеќе да инвестираат и да се развиваат.