Американскиот претседател Џозеф Бајден ќе размисли за условување на воената помош за Израел доколку изврши голема инвазија на Рафа, во Појасот Газа, пишува „Политико“, повикувајќи се на четворица упатени американски претставници. Според порталот, фактот дека Бајден ќе го земе предвид овој чекор ги одразува екстремните тензии во неговите односи со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој ги отфрли „посуптилните напори на администрацијата на американскиот претседател да ја контролира ситуацијата во Газа“. Иако Бајден не донел никаква одлука за ограничување на идните трансфери на оружје, официјални лица рекоа дека тој може да го стори тоа доколку Израел почне нова операција што дополнително ги загрозува палестинските цивили. Еден од функционерите истакнал дека Бајден „дефинитивно размислувал“ за укинување на помошта. Бајден дал различни назнаки за тоа што мисли за идната продажба на оружје на Израел, наведува „Политико“ и потсетува дека минатата година американскиот претседател ја нарече идејата за условување на воената помош „вредна за размислување“.