Германија повторно е погодена од двоен бран штрајкови во транспортниот сектор, откако машиновозачите и кабинскиот екипаж денеска ја прекинаа работата поради тековните спорови околу платите. Околу 80 отсто од меѓуградските возови денеска беа откажани поради штрајкот на машиновозачите на државната железничка компанија Дојче Бан.
Во главните аеродромски центри во Франкфурт и Минхен, десетици илјади патници мораа да ги одложат своите летови поради штрајкот на синдикатот на кабинскиот персонал Уфо во Луфтханза. Откажани се и поединечни летови на други локации.
Се очекува штрајкот на Дојче бан да трае 24 часа
Двата синдикати меѓусебно не ги координираа своите акции, но ова е втор пат за само неколку дена вработените во Луфтханза и Дојче бан да штрајкуваат истовемено. Германскиот Апелационен суд ќе го разгледа обидот на Дојче Бан да го блокира штрајкот на машиновозачите во текот на утрото. Понискиот суд во Франкфурт претходно ја отфрли тужбата на железницата за прекин на тековниот штрајк.
Штрајкот на патниците на Дојче Бан започна во вторник во 2 часот по полноќ и се очекува да трае 24 часа, потврди портпаролката на железницата. Железницата организираше вонреден возен ред со цел да обезбеди околу една петтина од услугите на меѓуградските линии. Од штрајкот се погодени и регионалните служби на Дојче Бан и приградските возови.
Штрајкуваат и стјуардесите
Ова е шеста акција на синдикатот на машиновозачите ГДЛ во тековниот круг на колективно договарање. Во меѓувреме, стјуардесите на германскиот авиопревозник Луфтханза, на аеродромите во Франкфурт и Минхен, рано наутро стапија во штрајк, соопшти синдикатот на кабинскиот персонал Уфо.
Штрајкот на најфреквентниот аеродром во Германија започна во 4 часот и треба да трае до 23 часот, потврди портпаролката на синдикатот. Поради штрајкот се очекува да бидат откажани околу 600 летови, соопшти националниот авиопревозник, што ќе влијае на 70.000 патници.
Само неколку часа подоцна, кабинскиот екипаж на Луфтханза на аеродромот во Минхен се приклучи на штрајкот. Луфтханза проценува дека штрајкот ќе резултира со откажување на 400 летови и неможност за полетување за околу 50.000 патници.